Почнува пролетниот дел од ПМФЛ: Дербито е на Градски, Вардар ја пречекува Шкендија

Паузата заврши, денеска со почеток од 14 часот стартува пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, се игра 19. коло.

Сите шест натпревари се играат во истиот теремин. Во центарот на вниманието ќе биде мечот меѓу големите ривали Вардар и Шкендија кој се игра на градскиот стадион во Скопје.

Ќе биде интересно да се види како ќе функционира Вардар кој е комплетно реновиран, црвено-црните го сменија речиси целиот тим, а првиот тест нема да биде нималку лесен.

На гости доаѓа Шкендија која има шампионски амбиции. Тетовскиот тим е дел од водечката тројка заедно со Силекс и Работнички кои имаат по идентични 37 бодови на врвот на табелата.

Дерби според абмициите е и дуелот меѓу Гостивар и Струга. Гостиварскиот тим има само два бода помалку од врвот, дополнително го засили ионака квалитетниот тим, целта е да се испише историја и освојувајќи ја лигата. Прва пречка во пролетниот дел им е актуелниот шампион. Струга не блескаше во првиот дел од сезоната, има пет бода заостанување зад триото на врвот, но и тие се со амбиции за прво место.

Есенскиот шампион, Силекс во Кратово ќе го пречека Тиквеш. Васоски пред извесно време изјави дека целта им е да останат на врвот, а за тоа да се случи неопходно е го освојуваат целиот плен кога за противник имаат екипи како Тиквеш.

Шкупи на Чаир го пречекува Работнички во интересна градска пресметка.

Срѓан Захариевски на кормилото на Пелистер ќе дебитира против Брера, меч кој се игра во Битола.

Важен дуел за опстанок имаат Воска и Беса.

19. коло 

Вардар - Шкендија
Гостивар - Струга
Силекс - Тиквеш
Шкупи - Работнички
Пелистер - Брера
Воска - Беса

Табела: Силекс 37, Шкендија 37, Работнички 37, Гостивар 35, Струга 32, Шкупи 22, Пелистер 19, Брера 19, Тиквеш 14, Беса 13, Вардар 13, Воска 12.