Пелистер и Македонија ЃП под огромен притисок – победата е императив!

Последното коло од основниот дел на сезоната во Првата македонска фудбалска лига продолжува денеска со два натпревара.

Двата се на програмата од 14 часот, Башкими во Куманово ја пречекува Македонија ЃП, а а Тиквеш пред своите навивачи се среќава со Пелистер. Гостите на овие натпревари се во прилично незавидна ситуација и под притисок да победат бидејќи ризикуваат последната етапа да ја почнат од зоната за испаѓање.

Македонија ЃП во претходното коло го победи Работнички и се проби на деветтото место, но потребно ѝ е мало чудо против Башкими со оглед на тоа што има само една победа на гостински терен во досегашниот дел од сезоната и тоа против испаднатиот Шкупи, уште во септември. Башкими не е под голем притисок, се наоѓа на петтото место и јасно е дека не може да оди погоре, но со евентуален триумф ќе им избега на конкурентите кои се борат да ги избегнат местата што водат во бараж.

Дуелот во Кавадарци се очекува да биде особено драматичен бидејќи Пелистер оди на мегдан со братскиот клуб со серија од четири меча без победа. Како последица на тоа падна на десеттата позиција на табелата, додека Тиквеш е шести. Куриозитет е тоа што кавдарчани се во серија од четири победи на гостински терен каде немаат примено гол од ноември, но исто така од ноември нема триумф пред своите навивачи.