Пандев пак распука по ФФМ: Не мораше мене награда да ми дадат, ама лечат комплекси!
ФФМ и за минатата 2021 година прескокна да го организира традиционалното доделување на наградите за најдобрите, иако беше најуспешна поради настапот на Еуро 2020, но и пласманот во мундијалскиот бараж кој сега ги очекува црвено-жолтите. Иако официјалното образложение беше актуелната ковид-пандемија, но фудбалските кулоари одамна гласно коментираа дека сѐто тоа е само да се избегне доделување на признанија за Пандев и екс-селекторот Игор Ангеловски, кој исто така беше во лоши односи со актуелното раководство.
Пандев кој замина во пензија по Еуро 2020 не доби ни едно благодарам од ФФМ, иако две децении беше дел од репрезентацијата, одигра 122 меча, даде 38 гола (македонски рекорди), но поради лошиот однос, постојано е игнориран од куќата на фудбалот. Дури ни на календарот за оваа 2022 година, нема ниту една слика од иконата на репрезентацијата која го даде голот за пласман на ЕП, а потоа и првиот гол во историјата за Македонија на едно големо натпреварување.
„Не ме изненадува ништо од таа федерација, од луѓе што немаат ништо постигнато во животот. Не мораше на мене да ми ја доделат наградата, тоа (изборот на најдобрите – н.з.) се одржува секоја година, особено таа 2021 година беше најуспешна за нас, а луѓето немаа волја за тоа. Тие живееат во некои други времиња и лечат комплекси“, вели Пандев на гостување во студио 10 на „телевизија 24“.
ФФМ не организираше избор на најдобрите ни за 2020 година, кога на сила беа и силни рестрикции, ниту за ланската 2021 година, поради ковид-пандемијата, иако низа други такви манифестации се одржуваа.