Од Башкими тврдат дека мечот со Кожуф не бил наместен (ФОТО)

Голема врева се крена по вчерашниот натпревар меѓу Кожуф и Башкими, одигран во Гевгелија, а кој беше решен со сомнителен гол во 92. минута.

Славеа кумановци, со 2-1 и дојдоа до победа која им е од огромно значење во борбата за директен пласман во Првата лига. Сепак, начинот на кој го остварија тоа ја крена на нозе спортската јавност во земјава, а Министерот за спорт, Борко Ристовски најави дека и на Башкими и на Кожуф ќе им биде одземена лиценцата за спорт ако биде докажано го „наместиле“ натпреварот.

Доцна синоќа со соопштение се јави Фудбалскиот клуб Башкими кој се обиде да се одбрани, но не го објасни најважниот дел - зошто противникот му дозволи лесно да постигне гол во момент кога имаше бод „в џеб“.

 

 

„Нашиот клуб, со најголема одговорност информира дека секој натпревар, вклучувајќи го и овој со Кожуф, е чист и заслужено ги освоивме трите бода во нашата борба за пласман во Првата лига. Силно веруваме дека нападот врз нас брзо ќе се заборави бидејќи нема никаков доказ, ни индикација дека Башкими играл нефер“, објави, меѓу другото, кумановскиот клуб.

На две кола пред крајот на Втората лига, Башкими се наоѓа на третата позиција на табелата, со бод помалку од второпласираниот Арсими и три од лидерот Македонија ЃП. Сето ова може да падне во вода ако Фудбалската федерација ги казни учесниците во вчерашниот скандалозен натпревар.