Нема опасност од УЕФА, Првата лига останува регуларна!

По повлекувањето на Гостивар од мечот со Работнички попладнево, многу е веројатно дека ФФМ и на гостиварци ќе удри со сериозни санкции и одземање на бодови, по што веднаш се појавија шпекулациите дека и втор клуб, по охридска Воска, во кратко време ќе ја напушти Лигата.

Навивачите и љубителите на македонскиот прволигашки фудбал почнаа да сепрашуваат дали тоа значи дека е можно Првата лига да биде прогласена за нерегуларна од страна на УЕФА и нашата земја да остане без европретставници во идната сезона. Но, нема причина за паника, пропозициите на УЕФА се јасни - на централата на Европскиот фудбал ѝ се доволни минимум шест екипи за да прогласи некое првенство за валидно или пак минимум одиграни 28 кола, што во Македонија е веќе исполнето.

Дури и да се откаже уште некоја екипа или првенството да заврши со денешното коло, сезоната според правилата на УЕФА е регуларна. Но, тоа значи дека може да се случи никој да не испадне директно од Првата лига, туку само да се игра бараж.

Ова во случај ако Гостивар се откаже од понатамошното играње, исто како и Воска. Тогаш нема да има испаѓање, туку десеттиот ќе игра бараж со третопласираниот тим од Втората лига. Ако пак му текне на уште некој клуб да ја заврши сезоната предвреме, тогаш нема да има потреба ниту од бараж.