Михаилов: Брера има квалитетна екипа, верувам ќе ја вратиме играта на посакуваното ниво

Горзад Михаилов кој сезоната ја започна како тренер на Вардар денеска беше промовиран за нов стратег на струмичка Брера. Михаилов по потврдата го имаше и своето прво излагање како тренер на овој тим.

Михаилов истакна дека преговорите со Брера траеле неколку дена, а на крајот се одлучил да ја прифати понудата од Горан Пандев.

„Благодарност до најголемата фудбалска легенда Горан Пандев, по неколку дневни преговори се одлучив да прифатам да бидам тренер на Брера. Чест и задоволство ми е за дадената доверба и верувам дека ќе успееме да ја вратиме екипата на посакуваното место каде што сите и очекуваат да бидеме. 

Се потсети Михаилов и на првиот натпревар во сезоната во кој гостуваше во Струмица како тренер на Вардар.

Како тренер на Вардар на почетокот на сезоната тука загубивме и можам да кажам дека се работи за една навистина квалитетна екипа од многу квалитетни играчи, спој на играчи и младост, фудбалери кои имаат богато интернационално искуство и сето тоа треба да го синхронизираме и да го ставиме во функција.  Ќе дадеме се од себе на секој натпревар за играта на Брера да биде подобра. Познат сум по тоа што сакам да форсирам млади играчи, да играм офанзивен фудбал и така ќе биде и сега со Брера.