Македонскиот репрезентативец Младеновски не ја мина пробата во Динамо Киев

Македонскиот репрезентативец и еден од низата таленти што летово го напуштија Вардар, Марио Младеновски не ја минал пробата во Динамо Киев, објави „Динамо манија“, интернет-страница блиска до украинскиот великан, која прва и го објави доаѓањето на вардарецот уште пред десетина дена.

Младеновски не ги задоволил вкусовите на Украинците, играше на неколку мечеви за младинскиот тим до 21 година, но Динамо со него нема да потпише договор, па сега центрачниот дефанзивец, кој експресно влезе и во македонската репрезентација после само едно дерби со Шкендија среде Тетово во минатата година, сега ќе бара нов клуб.

Младеновски си замина од Вардар и беше првиот што повлече нога летово во бурниот период на црвено-црните, од кои најголем дел од играчите од ланскиот тим си заминаа или најавија заминување поради беспарицата во клубот и неуспешниот обид да се спаси Вардар. Дали Младеновски би можел да се врати во Вардар е прашање, иако на црвено-црните им недостигаат стопери.

Од фудбалерите што заминаа од Вардар досега трансфери направија Бразилецот Жуниор и украинскиот стопер Евгениј Новак, двајцата во Украина, Зарја односно Колос, како и репрезентативецот Кристијан Тошевски во албанскиот првак Тирана, односно еден од најталентираните играчи за врска Бојан Димовски во Академија Пандев. Пред промоција се Џемал Ибиши во загрепска Локомотива, како и Азар Омерагиќ и Леонид Игњатов во сплитски Хајдук.

Од останатите засега клубови немаат Даниел Аврамовски, Али Адем, Филип Гачевски, Владица Брдаровски, сега и Младеновски...., од тие што заминаа од клубот, а останаа од староседелците Филип Илиќ, Дарко Мицевски, Фитор Реџепи, Филип Најдовски, Матеј Цветановски и Јован Попзлатанов.

Инаку на младиот фудбалер менаџер му е Горан Попов, бившиот играч на Динамо Киев и на Вардар и екс-македонски репрезентативец.