Македонија ЃП прекина со тренинзи: Не се оди со глава во ѕид!

Македонија Ѓорче Петров од денеска нема да тренира и ги прекинува сите активности во клубот откако вчера се појавија првите шест случаи на позитивни на Ковид-19 во Ренова и Шкендија.

Скопскиот прволигаш не сака да ги доведува во ризик своите фудбалери и вработените во клубот и смета дека здравјето треба да биде на прво место и затоа се одлучи на ваков потег. 

„Ние како одговорен клуб за здравјето на нашите фудбалери и сите вработени во клубот ги прекинуваме сите активности од денеска, и чекаме нови насоки од владата на РСМ и ФФМ, Македонија ЃП од секогаш била за решение на фудбалот на зелените терени но со глава во ѕид не се оди, се срамиме од вестите на некои медиуми и ги демантираме сите вести дека имаме закажано пријателски натпревар со ФК Вардар!“, се вели во соопштението на ѓорчепетровци.

Мора да се истакне дека „лавовите“ беа еден од клубовите кои цврсто се спротивставија на идејата Првата лига да продолжи по тримесечната пауза поради пандемијата од коронавирусот.