Македонија ЃП ги донира парите од мечот со Шкендија за фудбалерче што остана без родители!

Македонија Ѓорче Петров се одлучи на еден голем потег за кој целата јавност мора да му оддаде признание на клубот.

Имено, следниот натпревар пред своите гледачи против Шкендија ќе биде од хуманитарен карактер, бидејќи управата на клубот одлучи сите средства од продадени влезници да му го донира на Спасе Богоевски, член на пионерската екипа на тимот кој има потреба од финансиска помош бидејќи остана без родители и нема никакви примања.

Спасе Богоевски е 15-годишно момче со кого судбината прерано си поиграла. Лани, за само неколку месеци ги загубил и двајцата родители и извесно време живеел со роднини во Мралино. Бидејќи го сака спортот, тренира фудбал за ФК „Македонија Ѓорче Петров“.

Открива дека деновиве треба да биде згрижен во Детското село СОС, бидејќи никој не сака да му биде старател, а најголемиот проблем му се сметките за струја и вода кои се насобрале околу 3.000 евра и се наследен долг од родителите, а има и кредити.

Помош веќе е пристигната и од ракометниот клуб „Еурофарм Работник“.