Лукман нема да остане во Вардар, Битанг ќе добие шест месеци да се докаже!

Македонскиот шампион Вардар повеќе од извесно е дека нема да го задржи нигерискиот интернационалец Харуна Лукман, кој има извонредно педигре, затоа што фудбалерот за врска и покрај одличните фудбалски квалитети е тотално неподготвен.

Фудбалерот кој има 50-на настапи и за Динамо Киев, 40-на во Лига 1 за Монако, мечеви во ЛШ и Лига Европа, како и на Светско првенство за Нигерија е неспорен квалитет и тоа го докажа за едно полувреме на вчерашниот дуел со Словачко, но големата пауза се покажа дека сериозно се одразила на физичката подготовка, па поради тоа денеска против Дукла Прага и дојде повредата по само еден допир со топката.

Затоа и во Вардар процениле дека нема време да го чекаат Лукман за да дојде во солидна и добра физичка подготовка, затоа што црвено-црните веќе на стартот ги очекуваат три меча со Шкендија од кои зависи целата пролет во битката за трофеите (еден во првенството и двомечот во четвртфиналето на Купот).

Од друга страна поранешниот камерунски младински репрезентативец Кларенс Битанг, кој од денеска е со црвено-црните ќе се врати утре со целата експедиција на вардарци во Скопје и ако ги мине лекарските прегледи ќе добие шестмесечен договор за да се докаже низ првенствените мечеви и да се избори за двегодишен договор.

Вардар зимава се засили со триото од Пелистер, Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветановски, како и голманот Филип Илиќ. Тројца од овие четворица имаат репрезентативно педигре, Тошевски е дел од А-тимот, а Попзлатанов и Илиќ беа дел од младинската репрезентација.