Ибраими освен титула го чека и нова „златна копачка“: Радосен сум што фатив добар гол-ритам!

Поранешниот македонски репрезентативец и прва ѕвезда на Шкендија, Бесарт Ибраими повторно влезе во одлична гол-серија со пет гола на последните четири меча и со тоа сѐ поизвесно е дека покрај шампионската титула со тетовци во оваа сезона ќе ја прослави и својата четврта „златна копачка“ во домашната елита.

Ибраими со оваа серија на голови веќе стигна до 19 гола и практично нема ривал во последните шест кола кој би можел да го достиге, зашто најблискиот Пепи Георгиев од Силекс е на десет гола, а вториот најдобар стрелец во моментов пролетва не игра, Дембо Дарбо, Гамбиецот кого Шкупи зимава го продаде во белоруски Шахтер Солигорск.

„Убаво е чувството повторно да даваш голови, повторно да ја најдеш таа 'врска' со голот и во овие последни четири кола константно давам голови, тоа ме радува, но јас не бев загрижен претходно за постот. Колективот секогаш е пред сѐ, доволно сум искусен за да се соочам со тој притисок за недостатокот на голови. Но, напаѓачот и кога не дава голови не значи дека не му помага на тимот за да ги оствари целите. Сѐ додека јас не давав голови, а тимот победуваше, тогаш е во ред. Но, секако напорно работев за да проработам повторно за головите и среќен сум дека сега сѐ оди по планот“, посочува Ибраими.

Тој против Вардар во рекордниот триумф со 6-1 во Скопје ја прекина лошата серија од 658 минути без гол кога погоди од пенал, а на дербито додаде уште еден, за потоа да даде гол за победа со Силекс (2-1), за да на најави победата со Ренова (3-0) и вчера да го реши победникот во пресметката со Академија Пандев (1-0).

„Мислам дека по мини-кризата со две ремија без голови одлично одговоривме. Имаме пет победи во серија. Сега нѐ чека пресметка со Беласица, сакаме Победа, титулата е близу, а сето ова треба да ни помогне и да го креваме тимот за претстојниот европски предизвик летово“, додава Ибраими.

Тој досега трипати ја освојуваше „златната копачка“ во Првата лига, во сезоната 2015/16 беше најдобар стрелец со 26 гола, следната 2016/17 до признанието најдобар стрелец дојде до 20 гола, а во сезоната 2017/18 ја подели наградата со Ферхан Хасани, неговиот клупски соиграч во тоа време од Шкендија, со по 22 гола.