И второлигашите се бунтуваат против ФФМ: Котизацијата да биде укината!

Откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја укина котизацијата за прволигашите по потпишаниот договор со Арена Спорт за ТВ-правата и финансискиот прилив од 150.000 евра од година, второлигашите во двете групи, источната и западната, побараа исто така да бидат одлободени од плаќање на котизација.

Второлигашките клубпви денеска испратиле писма до Управниот одбор на ФФМ за да се укине котизацијата и за нив. Повеќе од две третини од клубовите од западната и источната група, веќе се потпишале на барањата за укинување на котизацијата, а според најавите тоа ќе го сторат и уште преостанатите четири клуба.

„Имајќи го во предвид дека УО на ФФМ ги ослободи клубовите од Првата лига за плаќање на котизација, кои пред сѐ се професионални и имаат повеќе начини да обезбедат средства за финансирање, ние како клубови од Втора лига кои се натпреваруваме на аматерска основа и имаме проблем со финансии, а посебно што некои и не добија ваучери или тие се во премал износ, се соочуваме со финансиски проблеми. Се надеваме дека ќе наидете на разбирање, а пред сѐ во интерес на фудбалот ќе им помогнете на клубовите и ќе ни излезете во пресрет“, стои во барањето испратено до УО и потпишано и со печат од секој клуб од двете второлигашки конкуренции.

На еден месец до стартот на сезоната во Втората лига (елитата почнува порано), жешки денови доаѓаат за куќата на фудбалот.