И Кочани избришано од фудбалската мапа на Македонија (ФОТО)

Откако Агенцијата за млади и спорт (АМС) во изминатиот период одзема шест решенија за дејност спорт на општински фудбалски сојузи, денеска иста судбина доживеа и ОФС Кочани.

АМС во изминативе два месеци ги избриша општинските сојузи на Штип, Свети Николе, Кратово, Македонски брод, Липково и Демир Хисар, а Кочани е четвртиот општински сојуз од Источна Македонија, со што полека фудбалот во овој регион административно згаснува. Осогово со големи амбиции се врати во Втората лига и во новата сезона ќе води битка дури и за прволигашки статус, но освен симболот на градот на оризот, фудбал во овој град можно е и да нема.

Како и за претходните ОФС-а, така и за кочанскиот, бришењето и одземањето на решението за дејност спорт е поради тоа што во овој општински сојуз нема организиран систем на натпревари, а со тоа се исполнуваат законските услови за одземање на решението.

Општинските сојузи се основата и делегатската база на Собранието на ФФМ, а со бришењето на овие општински сојузи само се потврдува дека тие „фиктивно“ постоеле колку да се гласа и избира највисокото тело во куќата на фудбалот.