И Драгарски останува во Пелистер за новата сезона

Капитенот на Пелистер, Христијан Драгарски останува дел од битолската гордост и во новата второлигашка сезона, откако ја продолжи соработката со својот клуб, кој ја склопува екипата која треба во новата сезона да се бори за кам-бек во домашната елита.

Битолчани ги задржаа безмалку сите главни фудбалери од минатата сезона сосе најталентираните младинци, а веќе донесоа и неколку проверени имиња кои се деца на клубот од Илче Петрески, Благоја Љамчевски, Бурхан Мустафов и Филип Миленковски.

Драгарски лани се врати во Пелистер после кратка авантура во албанска Теута, а е поранешен фудбалер и на Струга Трим Лум, Победа, Младост Царев Двор, а играше и во романска Конкордија и српски Радник од Сурдулица.

„Сметаме дека столбот на одбраната на ФК Пелистер со неговите соиграчи кои се приклучија во оваа сезона ќе бидат фаворити за освојување на првото место“, посочија битолчани.

Најтрофејниот клуб Вардар и многу амбициозниот Гостивар ќе им бидат главни ривали на Пелистер во трката за првите две места кои водат директно во Првата лига, додека третото и четвртото место ќе носат бараж.