И Академија Пандев се сврте кон странците: Србинот Рајковиќ го засили куп-победникот

Македонскиот прволигаш и актуелен освојувач на Купот на Македонија, Академија Пандев воглавно досега купуваше фудбалери од Македонија и најмногу ги форсираше играчите од својата школа, со само еден странец голманот Душан Чубраковиќ.

Но, очигледно и кај струмичани желбата да се донесе фудбалер надвор од Македонија е големо, па денеска нов играч е Марко Рајковиќ, српски интернационалец и поранешен фудбалер на Силекс, кој пролетоска беше дел од кратовскиот тим каде дојде од Слобода Ужице. Претходно играл за Телеоптик, Колубара, Металац, како и во албанска Аполонија.

Рајковиќ е прв од неколкуте нови имиња што ги најавуваат пандевци како засилувања за новата сезона во која ќе атакуваат повторно на излез во Европа, како и на одбрана на трофејот од Купот. Марио Маслаќ утре би требало и официјално да стане нов фудбалер на пандевци, а до крајот на неделава и Давор Зафиров, фудбалер со потекло од Македонија кој е роден во Шпанија и играше во Тенерифе.

Во случај на заминување на Љупче Дориев, за кого пред еден месец се најавуваше силен интерес од неколку турски клубови, веројатно Академија Пандев ќе бара замена за него и ќе ангажира уште едно име.