Хаос во Тетово: Фудбалерите на Шкупи нападнати пред стадионот (ВИДЕО)

Тежок инцидент се случи попладнево пред Градскиот стадион во Тетово во пресрет на големото дерби Шкендија – Шкупи во претпоследното коло во оваа сезона во Првата лига, откако чаирчани беа нападнати пред самиот стадион.

Навивачите на тетовци со факли прво на доаѓање на клупскиот автобус на Шкупи го нападнаа новиот македонски првак, а потоа во голема гужва и мешаница, во која летаа и боксови, а и пиротехника настрадаа неколку фудбалери на шампионот, како и дел од персоналот на клубот.

Причина за ваквите мешаници не е позната, но во последно време многу се затегнати односите на двата клуба, уште од последното дерби на Чаир, по кое имаше препукувања на двата прволигаши.

На Шкендија ѝ гори под нозе во трката за Европа откако ја загуби битката за шампионската титула, додека Шкупи игра само за својата чест денеска и ќе се обиде првпат после повеќе од пет ипол години повторно да се радува под Шара.