„Го купивме Тошевски за мали пари, а добивме напаѓач со европски калибар!“

Руски Ростов го купи суперталентираниот Давид Тошевски (18) од Работнички за 900.000 евра и го врза со петгодишен договор, па менаџерот на рускиот тим Александр Менјаков во изјава за домашните медиуми им посочил колку добар трансфер направиле со ангажманот.

Ростов го победи Лил во трката за ангажманот на младинскиот репрезентативец до 19 години и голем потенцијал, од кој Работнички има сериозна заработка, а според Менјаков – трансферот за мали пари е извонреден зашто добиле страшно перспективен фудбалер.

„Ние од зимоска го следевме Давид зашто на трансфер-пазарот имаше статус на ѕвезда во подем. И сега можам само да му аплаудирам на клупскиот менаџмент за завршениот трансфер, зашто Ростов за малку пари доби талент и напаѓач од европски калибар. Ова е доказ дека клубот не се плаши, носи храбри одлуки, а овој трансфер е избалансирана одлука и не е спонтана“, вели Менјаков.

Тошевски во недоиграната сезона имаше пет гола и три асистенции на 21 меч за Работнички, ама посебно беше во фантастична форма на стартот на пролетниот дел, кога беше клучен за серијата победи на „дебармаалци“ и нивната најава за спас. Сепак, пандемијата со коронавирус ја прекина таа серија, а ФФМ со одлуката никој да не испадне, практично ја прекина жестоката битка на „романтичарите“ за опстанокот.