Гачевски: Во Скопје е +8, а во Тетово мора да си набават дрва зашто доаѓа зима!

Есенскиот шампион Вардар замина на зимска пауза со осум бодови плус, откако денеска на Националната арена „Тодор Проески“ одигра 2-2 против големиот ривал Шкендија, а по крајот на мечот вардаровиот голман Филип Гачевски се качи на трибините каде што со факел в раце славеше со Комити.

Гачевски зборуваше по мечот против тетовската екипа и порача дека сонува еден ден да биде водач на Комити.

„Да ви кажам искрено сонував еден ден да бидам водач на Комити затоа што сум таков човек, градски човек. Татко ми ме учеше да бидам темпераментен и можам да му се заблагодарам за тоа. Како што кажав, некој да ни кажеше вакво нешто пред почетокот на првенството, сите ќе мислевме дека не е можно. Сепак, ние докажавме квалитет и покажавме дека младите момци имаат голема перспектива. Сакам да кажам дека сме среќни и одиме на одмор со осум бодови. Треба да се одмориме и да ги наполниме батериите за пролет и сега на ред е Вардар затоа што жално ќе биде да се загубат овие таленти. Се родија многу таленти во оваа генерација и јас сум горд на нив“, вели Гачевски.

Исто така, Гачевски ја „пецна“ Шкендија и порача дека во Скопје е плус осум, додека во Тетово е минус осум.

„Сакам да кажам дека напишав и статус. Вардар оди на плус осум, во Скопје е плус осум, а во Тетово треба да набават дрва затоа што ги чека ланда зима. Ние одиме во Турција на подготовки и докажавме пред цела Македонија дека имаме квалитет, но ова е фудбал, не можам да кажам дека осум бодови се голема или мала предност. Сакам да им се заблагодарам и на публиката и тврдам дека нема да ги разочараме“, порача вардаровиот голман.