
ФФМ удри по Гостивар - минус девет бода, високи парични казни и жестоки суспензии!
Гостиварци се казнети со одземање на девет бодови, придружена со парична казна од 2.500 евра, а покрај ова добија дополнителна казна од 5.000 евра поради слаба организација и присуство на неслужбени лица во службени простории. Клубот исто така доби забрана да биде домаќин на свој терен на наредните 10 натпревари, со обврска тие средби да ги одигра најмалку 100 километри оддалечени од пријавениот домашен стадион.
Претседателот на клубот, Енес Уста, доби забрана за вршење на каква било функција во фудбалот во времетраење од две години, откако, според наводите на Комисијата, повикал фудбалерите на тимот да го напуштат теренот и со тоа го прекинал натпреварот. Иста казна доби и шефот на стручниот штаб, Блажо Панов, поради истата причина. Фудбалерот Алпер Потук е санкциониран со забрана за настап во траење од две години, бидејќи и тој ги повикал соиграчите да го напуштат теренот. Сите останати играчи кои биле заведени во официјалниот записник за натпреварот против Работнички добија индивидуални парични казни од по 500 евра.
Покрај Гостивар, казни добија и други клубови. Струга е казнета со 5.000 евра поради слаба организација на натпреварот со Гостивар од 28. коло, Башкими со 3.500 евра за инциденти при дуелот со Новаци, а нејзиниот претседател Бурак Хида доби двомесечна забрана за вршење функција. Против Воска, пак, е поведена постапка поради непојавување на натпревар, тој со Брера.
ФОТО: ФК РАБОТНИЧКИ (фејсбук)