ФФМ објави: Рекорден број на клубови поднеле барање за лиценца!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави дека рекорден број на клубови, вклуно 11 од македонските екипи поднеле барање за лиценца за следната натпреварувачка сезона 2020/21, за која комисијата за лиценцирање до 5 мај идната година ќе треба да донесе одлука кој сè ги исполнува условите за да добие „зелено светло“ за настап во Европа.

Во првата фаза за лиценцирањето барања поднесоа сите десет македонски прволигаши, плус амбициозниот второлигаш Брегалница од Штип, која е четвртфиналист во Купот. Сега, клубовите ќе треба во следните фази да ги исполнат одамна познатите критериуми за да добијат лиценца, па ќе треба на ФФМ да и покажат дека во секој сегмент (од административни, финансиски, инфраструктурни сегменти) ги задоволуваат критериумите за лиценцирање.

Годинава, Вардар поради финансиските проблеми не доби лиценца за да излезе во Европа, откако црвено-црните не успеаа да ги задоволат критериумите во строгиот финансиски дел, иако успеаа да избегнат посериозна санкција од УЕФА, која минатата година им постави рок да се исчистат долгувања од претходниот период.

Барање за лиценца поднесоа Академија Пандев, Борец, Брегалница, Вардар, Македонија ЃП, Работнички, Ренова, Силекс, Струга Трим Лум, Шкендија и Шкупи. Македонија и во следната сезона во Европа ќе има четири претставници и тоа шампионот во квалификациите за ЛШ, а победникот на купот и вториот и третиот во Првата лига во квалификациите за Лига Европа, што ќе биде последен ваков настап во второто по ранг натпреварување за македонските екипи, зашто од 2021 година тие ќе се преселат во третото натпреварување Европска Лига на конфедерации.