ФФМ на клубовите им понуди три сценарија, ама едно нелогично – да се доигра, а да нема испаѓање!?

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им понуди три сценарија на клубовите на денешниот втор состанок после презентацијата на протоколот за натпревари од страна на главниот епидемиолог д-р Жарко Караџовски, како да се доигра сезоната или да се прекине, а клубовите ќе треба да се изјаснат за некое, но главната одлука ќе ја донесе УО на ФФМ.

Тоа што е јасно од поодамна, а на првиот состанок едногласно се сложија сите клубови дека нема можност да се доигра комплетно сезоната со преостанати 13 меча плус уште три во Купот на Македонија, па сега сценаријата се да се доигра по скратен систем со плејоф-фаза, воопшто да не се доигра, но им аи едно нелогично решение – да се игра, а да нема испаѓање.

ПРВО СЦЕНАРИО

Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) СО ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања

ВТОРО СЦЕНАРИО

Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;

ТРЕТО СЦЕНАРИО

Прекин на првенството и Купот на Македонија;

ФФМ смисли начини, но останува нејасно што со Втората лига. Досега клубовите и ФФМ разговараа за доигрување на Првата лига, а засега „висат“ второлигашите. Најнебулозно е второто сценарио во кое практично ФФМ турка сезона во која одредени клубови треба да ја искористат ситуацијата, а тоа пред се се однесува на излезот во Европа за да успеат да ќарат од финансискиот колач на УЕФА. Посебно во делот и за првак, зашто лиценцата на Вардар остава простор за „тепачка“ за скоро еден милион евра заработка.

„Како натпреварувачка комисија на ФФМ го претставивме нашиот план и трите можни сценарија за евентуално продолжување на првенството од Прва МФЛ во поинаков формат од предвидениот. Сметам дека е сосема јасно првото можно решение, со испаѓање на два тима по завршуавње на понудениот формат. Веројатно многумина ќе се запрашаат во делот од второто сценарио каде системот на натпреварување исто така содржи плеј-оф и плеј-аут фаза, но без испаѓање. Тоа го правиме од причина што во Куп натпреварувањето имаме екипи кои би можеле да се најдат во делот од плеј-аут фазата и заради одржување на натпреварувачки ритам би одиграле само три натпревари наместо предвидените шест. Календарот на натпревари ќе го усогласиме во зависност од мерките кои ќе важат на ниво на држава, но секако и од одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за конечно решение за завршување на натпреварувачката сезона“, изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ.