ФФМ ја смени локацијата за баражот зашто ќе имало (пре)многу публика!?

Фудбалската федерација на Македонија се огласи со официјално соопштение поради промената на локацијата на одигрување на баражот за пополнување на Првата лига помеѓу Воска Спорт и Тиквеш. 

Првично беше објавено дека овој дуел ќе се одигра во Прилеп на стадионот „Гоце Делчев“ во недела со почеток од 17 часот, но неколку часа подоцна ФФМ го промени стадионот. Од „Куќата на фудбалот“ соопштија дека нашиот најголем стадион „Тодор Проески“ во Скопје всушност ќе биде домаќин на овој бараж дуел.

Тиквеш бурно реагираше на оваа одлука и веднаш испрати соопштение до јавноста, а се огласи и членот на Управниот Одбор, Сашко Тасев, кој најави оставка поради оваа скандалозна промена. 

Од ФФМ објаснуваат дека причина за промената на локацијата на одигрување на баражот е фактот што се најавени големи групи навивачи од двете екипи и поради безбедност на сите учесници на натпреварот, најдобро е да се игра во Скопје на „Тодор Проески“. Последниот збор за организацијата на дуелот ќе го има Министерството за внатрешни работи.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното соопштение на ФФМ.

„Комисијата за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија го одреди стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп за домаќин на бараж натпреварот за Прва МФЛ меѓу екипите на Тиквеш и Воска.

Имајќи в предвид дека на почетокот на следниот месец, македонската А репрезентација ја очекуваат два натпревари од Лига на нации на домашен терен на Националната арена „Тодор Проески“, намерата на Фудбалската федерација на Македонија беше бараж натпреварите да се одиграат на други стадиони, првенствено за да се заштити теренот на арената „Тодор Проески“ за репрезентативните мечеви, а дополнително што на 20. мај на нашиот најголем стадион ќе се одигра и финалето од Купот на Македонија.

По извлекувањето на паровите за бараж натпреварите и одредените места за одигрување, Комисијата за натпреварување после одржаниот состанок со Комисијата за безбедност, сепак одлучи (пропозициите тоа го дозволуваат) мечот Воска - Тиквеш да се одигра на Националната арена „Тодор Проески“. 

Единствена причина за промената на местото на одигрување на натпреварот се пристигнатите информации до Комисијата за безбедност на ФФМ за присуство на голем број навивачи на двете екипи и можноста да се гарантира безбедноста на повеќе илјадната публика на стадионот во Прилеп. 

ФФМ преку Комисијата за безбедност прати официјален допис до Министерството за внатрешни работи (МВР) со барање насоки и напатствија во делот на преземање на безбедносни мерки за да се одиграат двата бараж меча на првично утврдените места за одигрување, односно Тиквеш - Воска во Прилеп и Скопје - Беласица во Штип. 

Фудбалската федерација на Македонија ќе постапи соодветно во зависност од одговорот и упатствата на МВР. 

Уверени сме дека само со строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се гарантира вистински спортски спектакл . 

Мерките за безбедност на натпреварите постојат со причина и очекуваме од клубовите да бидат сојузници во спроведувањето на истите.

Полните трибини без инциденти, без непримерно однесување и нереди, без национализам и дискриминација, се клучни цели на сите учесници во македонскиот фудбал, од Фудбалската федерација на Македонија и клубовите преку навивачките групи, јавноста и медиумите до државните институции во целина. 

За ФФМ, дијалогот и комуникација е единствен пат за квалитетен однос со клубовите и институциите и на тоа ќе инсистираме и во иднина“, се вели во соопштението.