Сашко Тасев си оди од УО на ФФМ дека баражот на Тиквеш се пресели во Скопје!

Членот на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Сашко Тасев си заминува од раководното тело откако куќата на фудбалот пред нешто повеќе од час ипол ја смени својата првична одлука баражот Тиквеш – Воска Спорт да се игра на Националната Арена во Скопје, а не како што првично беше одредено на „Гоце Делчев“

После пладневната ждрепка во која Тиквеш ја доби Воска Спорт за противник во баражот, а Беласица го доби Скопје во вториот, ФФМ информираше дека двата меча ќе се играат во недела (22 мај) од 17 часот, првиот дуел на кавадарчани со охриѓани во Прилеп, а тој на струмичани со „пиратите“ во Штип. Но, нешто после 16 часот, од ФФМ дојде нова информација за промена на теренот, па Тиквеш и Воска наместо во Прилеп сега треба да играат во Скопје.

„Екипите за бараж се знаеја и однапред беа одредени терените за одигрување на мечевите. И одлуката после пет часа е променета со образложение за безбедност. Очигледно во ФФМ има 'компетентни' луѓе за организација. Ова не е добро за македонскиот фудбал, особено откако ФФМ цела сезона е плукана, нѐ плукаа и нам, за мечевите на Воска“. Ако не се смени одлуката, јас ја напуштам функцијата член на УО на ФФМ, вели резигнираниот Тасев за Спорт1.мк

Тасев во УО на ФФМ влезе како претставник на ОФС Кавадарци, од каде што е и градската гордост Тиквеш, кој сезонава неколкупати сериозно беше оштетен на мечевите во Првата лига и посебно во пролетниот дел од сезоната неколкупати гневно реагираше на судиските одлуки, меѓу кои и еден недосуден чист гол кој само судиите не го видоа на меч со Академија Пандев.

Воска спорт, пак, сезонава се претвори во милениче на ФФМ, на чии мечеви се судеа пенали во „стота“ само за охридскиот клуб да дојде до баражот и да проба да влезе во македонската елита.