Тиквеш: ФФМ под притисок го смени местото за баражот, не прифаќаме да играме во Скопје!

Кавадаречки Тиквеш не прифаќа да го игра баражот со Воска Спорт во недела од 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“, откако ФФМ неочекувано за неполни пет часа ја промени локацијата откако првично беше избран Прилеп како домаќин на пресметката.

Од ФФМ нема образложение зошто е сменета локацијата за баражот, иако после пладневната ждрепка беше објавено дека пресметката ќе се игра на „Гоце Делчев“ во Прилеп, а некаде после 16 часот, да има нова локација – скопската Арена.

Кавадарчани посочуваат дека промената на локацијата ФФМ е направена под притисок, без конкретно да навлегуваат во детали, па затоа кавадарчани објавија дека нема да прифатат да играат во Скопје.

„Денеска во ФФМ се одржа ждрепката за баражите и на истата нашиот клуб ја доби Воска спорт за противник, меч кој од ФФМ беше закажан да се игра на стадионот 'Гоце Делчев' во Прилеп. Меѓутоа после неколку часови пристигна официјален мејл од страна на ФФМ дека овој меч од необјасниви причини ќе се одигра на Арената 'Тодор Проески' во Скопје.

Ние како клуб не прифаќаме промена на местото на одигрување на овој натпревар, зашто на денешниот состанок меѓу екипите и претставниците на ФФМ беше закажан овој меч да се игра во Прилеп и мислиме дека ФФМ под притисок ја смени одлуката за мечот да се игра во Скопје“, се вели во рекацијата на Тиквеш.

Кавадарчани сезонава неколкупати беа драстично оштетени од судиите, посебно во овој пролетен дел од сезоната.