БиХ се збогува со Џеко: Вечерва наместо традиционалната десетка ќе се јадат – 11 ќебапи!

Фудбалската репрезентација на БиХ вечерва ќе ги одмери силите против селекцијата на Шведска, но овој дуел ќе има исклучително емотивна тежина бидејќи ќе означи крај на една спортска епоха - легендарниот капитен и најдобар стрелец во историјата на националниот тим, Един Џеко, за последен пат ќе го облече репрезентативниот дрес.

Во чест на неговото заминување, Здружението на сараевски ќебапчилници подготви уникатен и несекојдневен гест со кој ќе му оддаде огромна почит за сè што направи за босанскиот фудбал. Угостителските објекти кои се дел од оваа акција целосно ја менуваат својата најпозната кулинарска традиција - наместо стандардната порција од десет ќебапи сите гости ќе добиваат порција од единаесет ќебапи. Овој симболичен потег е инспириран исклучиво од бројот 11, кој популарниот напаѓач со години го носеше на својот грб, испишувајќи ги најубавите страници во спортската историја на својата татковина.

„Здружението на сараевски ќебапчилници одлучи на посебен начин да го одбележи збогувањето на Џеко од репрезентативниот дрес. Денеска се вклучуваме во заедничка акција со која сакаме да кажеме едно големо – ти благодариме Един. Наместо традиционалната десетка, тој ден на гостите ќе им биде сервирана единаесетка – во чест на бројот 11, кој Един со години го носеше на грбот додека со гордост го носеше дресот на нашата репрезентација“, стои во официјалното соопштение на здружението.

Од иницијативата нагласуваат дека Џеко одамна ги надминал рамките на обичен фудбалер и станал вистински симбол за генерации навивачи кои преку неговите мајстории ги доживеале најголемите спортски радости.

„Един не беше само број 11. Тој беше човек со кој славевме, тагувавме, верувавме и се гордеевме. Неговите голови, натпревари и победи, но и начинот на кој ја претставуваше Босна и Херцеговина, оставија трага која тешко ќе биде повторена. Единаесетка со пола сомун ќе биде нашиот мал знак на благодарност за сите години кои Един ни ги подари, за секој гол што нè крена на нозе и за секој момент поради кој бевме горди што токму тој го носеше дресот на БиХ“, порачуваат сараевските ќебапчилници.

Џеко повеќе од две децении беше апсолутно заштитно лице на босанската фудбалска репрезентација. Својата блескава меѓународна кариера ја круниса со настапи на две Светски првенства, предводејќи го националниот тим на мундијалите во 2014 и во 2026 година, оставајќи зад себе фудбалско наследство кое вечно ќе се памети.