ФФМ ѝ одговори на АМС: Ако имаме квантен скок во пропаст нема да е наша вина!

Откако Агенцијата за млади и спорт (АМС) вчера преку соопштение објави одлука со која е отфрлена жалбата на ФФМ на второстепена комисија, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини веднаш му одговори на директорот на АМС, Наумче Мојсовски дека ќе одговара за, според него, лажните наводи.

Во изборната година во која допрва ФФМ треба да го одреди датумот за Изборното Собрание за нов претседател, Сејдини излезе пред новинарите и посочи дека ФФМ е ставена во позиција да се брани, зашто е нападната од институции кои пласираат невистини.

„Најмалку што сакавме во година кога го славиме фудбалот, да зборуваме за работи кои не се поврзани со играта, лигата, репрезентациите..., но некогаш немаме избор. Ние сакаме со факти да потврдиме, колку не знаат и колку не се срамат што не знааат и затоа драг Наумче Мојсовски за ова се се одговара.

Вчера го прочитав соопштението дека се утврдени неправилности од второстепената комисија спротивни на законот на спорт. За ова драг Наумче се одговара, зашто наведуваат дека решението било обжалено и истото е отфрлено, со што станало правосилно и нема можност повторно да се обжали. Вистина е дека решението се поништува, а нашата тужба уважува.

Фудбалската федерација на Македонија согласно законите поднесе тужба со која поведе Управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното Решение.  

И бидејќи овој „сакам кажам - не знам речам“ начин на комуникација е нивен избор, а ние „на сила“ сме принудени да се браниме од нешто што не е вистина, еве, тука пред вас и пред цела јавност ја објавувам пресудата од поднесената тужба против поништеното решение кое Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе го спроведува.

Пресудата вели дека тужбата на тужителот Фудбалска федерација на Македонија се уважува. Решението се поништува. 

Ние сме принудени да се браниме од нешто што не е вистина. За ова се известени УЕФА и ФИФА, а тие се вклучени од самиот моментот кога се вршеше инспекцискиот надзор и запознаени се од почеток. Не дај боже, никој од нас не сака, но може да донесе квантен скок наназад за македонскиот спорт и репрезентациите. Причините нема да бидат ФФМ, туку срамно и слепо однесување на поединци за да се стави рака над ФФМ

ФФМ ќе продолжи да се спротивставува на секој притисок кој не доаѓа од фудбалското семејство. За се друго сме отворени за соработка“, рече Сејдини.