ФФМ е светски уникат за глупирање: Како Вардар не е првак, а во Прва лига се влезе со 16 меча?!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска донесе нова скандалозна одлука да не прогласи првак откако ја прекина сезоната, што предизвика бура од реакции кај навивачите на црвено-црните, кои одлуката без јасно образложение ја окарактеризираа како - срамна, криминална, мизерна...

Тешко е да се најде логика во одлуките што ФФМ и Управниот одбор, кој ги донесе во изминатиов период. Денеска ФФМ го прекина првенството поради лошата епидемиолошка слика и не прогласи првак, иако Вардар по 23 рунди имаше двоцифрена предност (не се одиграле доволен меч за да се прогласи првак?!). Арно ама, останува одлуката од претходниот УО на кој беше решено да се прошири Лигата за најдобрите на Истокот и Западот од Втората лига и следната сезона, нашето елитно натпреварување да брои 12 клуба.

Е, сега, тешко дека паметен ќе се снајде, а уште помалку да ја разреши уникатната глупост на фудбалските фотелјаши. Како по 23 кола во Првата лига и десет бода предност Вардар не е првак, а Беласица и Пелистер како најдобри во Вторите лиги со 16 одиграни меча си заслужија – прволигашки статус? Ако се бара образложение од ФФМ – тешко да се добие.

Македонија очигледно е уникатна во светски рамки како ги реши фудбалските проблеми оптоварени од пандемијата со коронавирус, па е единствена која практично го поништува првенството, ама дозволува и нејзино проширување во исто време. За разлика од далеку понормални федерации, нивните одлуки колку и да се (не)спорни, сепак се – логични.

Франција е најсилната земја кога го прекина првенството и тоа на 10 кола до крајот. ПСЖ е шампион, има испаѓање, а се одиграа нецелосни 28 рунди. Теоретски Олимпик Марсеј можеше да го стигне ПСЖ, колку и парижаните да се недопирливи, ама со 12 бода повеќе - „светците“ ја добија титулата.

Белгија беше прва земја која прекина (иако се одолговлечи конечното гласање за одлуката), а Бриж беше прогласен за првак. Сезоната заврши на 29-то коло од 30 во регуларниот дел, но допрва требаше да се игра плејоф и плејаут, што се најмалку 10 кола. Бриж со 15 бода пред Гент ја доби заслужената титула

Шкотска го прекина првенството по неполни 30 рунди, Селтик е првак после 12 бода со меч повеќе од Глазгов Ренџерс, а и тука теорија за да се случи пресврт има, колку и да е ситуацијата (не)реална.

Пред два дена првенството го прекина и Босна и Херцеговина и тоа после 22 рунди од 33 и тоа во ситуација кога Сараево имаше само три бода повеќе од Железничар. Ама си имаше одлука за првак, во која Крсте Велкоски прослави уште една титула со „бордо тимот“.

Не дека сите земји прогласија шампиони, ама одлуките што ги донесоа, повторно се далеку пофудбалски во однос на фарсата на ФФМ. Холандија го прекина првенството и донесе одлука да се поништи комплетно. Што значи, нема првак, нема испаѓање, нема промоција, проширувања... Дури и два клуба од Втората лига ја тужеа федерацијата и загубија на суд! Исто е и за Кипар. И оваа земја го поништи првенството, ама комплетно, без шампион, ама и без испаѓање и промоција.

ФФМ за разлика од сите е најумна, таму работат очигледно најдобрите фудбалски стручњаци и експерти, па затоа и одлуката која сега е на сила е – уникат за паметење. Да се знае како пример како една фудбалска организација не треба (не смее) да се води.