Еден од најдобрите играчи на Шкупи замина во Унгарија – ќе игра за Ѓирмот!

Еден од најдобрите фудбалери на актуелниот прволигашки лидер Шкупи, Матеј Цветановски си замина од таборот на чаирчани и ќе ја зголеми македонската колонија во Унгарија, па наскоро треба да биде промовиран како ново засилување на Ѓирмот.

Цветановски денеска си заминал од хотелот во кој е сместен Шкупи во Анталија, каде чаирчани се на зимски подготовки и се упатил кон Будимпешта, каде после лекарските прегледи треба да го потпише договорот со Ѓирмот и да биде промовиран. Младото крило, кое во Шкупи дојде после распадот на шампионскиот тим на Вардар во 2020 година, беше поврзуван со низа клубови, но реши да ја почне подготовката за пролетната полуетапа со чаирчани, но во договор со раководството ако има екстра понуда да може да си замине.

Цветановски есеноска имаше пет гола и шест асистенции и беше еден од главните играчи на Шкупи. Тој во Унгарија сега ќе ја зголеми македонската колонија, зашто во МТК се репрезентативците Бојан Миовски и Стефан Спировски, во Дебрецин се браќата Давид и Доријан Бабунски, а во Залаегержег е Никола Серафимов, но во најава е доаѓање и на Тодор Тодоровски и Ѓоко Зајков

Ѓирмот на полусезона е последен со 14 бода, но со реални шанси за опстанок зашто Дебрецен кој е осми е на само четири бода пред нив.