Две тешки битки за опстанок – во Гостивар и Струмица!

Со денешните два натпревари се комплетира 27. коло од Првата лига, а во фокусот се директните пресметки во долниот дел од табелата.

Арсими на домашен терен го пречекува Пелистер (13 часот) во меч со огромно значење за опстанокот. Битолчани можеби имаат мала предност, но се очекува крајно неизвесен дуел, особено ако се знае дека Арсими сезонава дома ги совлада Вардар и Шкендија. Пресметките меѓу овие два тима сезонава донесоа дури 10 гола – Арсими славеше со 4-0 на гости, додека вториот меч заврши без победник (3-3).

„Овој натпревар е многу важен за нас, секој бод ни значи. Мора да го дадеме максимумот“, изјави голманот на Пелистер, Андреј Јовчевски.

Од таборот на Арсими најавуваат максимална мотивираност пред домашната публика.

„Играме дома и тоа е дополнителен мотив. Атмосферата во тимот е одлична и сакаме да ја продолжиме позитивната серија“, порача Јусуфи.

Вториот натпревар се игра од 15:30 часот во Струмица, каде Брера ја пречекува Македонија ЃП. Гостите се во серија од пет порази по ред, па струмичани важат за фаворити за освојување на трите бода.