Охрид го промовира третото засилување за следната сезона – Македонец од Ваљадолид!

Македонскиот ракометар, Мартин Карапалевски, е најновото засилување на ГРК Охрид за следната сезона, откако денеска потпиша договор со клубот со важност најмалку до 2028 година.

Тој настапува на позицијата среден бек, има 26 години и висок е 178 сантиметри, а во новата средина ќе го носи дресот со број 11. Тој во Охрид доаѓа од шпанскиот шампионат, каде во изминатите две сезони настапуваше за тимот на Ваљадолид, додека претходно беше дел и од РК Вардар. Во својата прва изјава како нов играч на охридскиот клуб, Карапалевски не го криеше задоволството од трансферот:

„Се радувам што ќе бидам дел од ГРК Охрид, клуб кој расте од година во година. Уште од првите разговори ми се допадна идејата и проектот по кој клубот сака да се движи во наредните години. Со нетрпение чекам да настапам пред охридската публика и верувам дека заедно ќе се радуваме и ќе ги исполниме целите на клубот.“

Охриѓани претходно за следната сезона ги промовираа Унгарецот Доминик Мате и хрватскиот голман, Дино Славиќ.