Брегалница: Насилството е неприфатливо и мора да се исфрли од фудбалот!

После хаосот што се случи во Штип помеѓу навивачките групи на Брегалница и Тиквеш, Фаланга и Лозари, осуда за инцидентите дојде од штипскиот клуб, кој во соопштение посочи дека е неприфатлив било каков облик на насилство и тој мора да се исфрли од фудбалот, како на стадионите, така и надвор од него.

Брегалница во јавното обраќање го осуди немилиот настан, посочувајќи дека испраќа силна порака за фер и коректно навивање, како единствен начи да се спречат немилите сцени, кои денеска ги имаше во изобилство во Штип. Целото соопштение на Брагалница ви го пренесуваме во целост.

„ФК Брегалница изразува жалење за несаканиот инцидент кој се случи меѓу дел од навивачите на Брегалница и Тиквеш во пресрет на денешниот дерби натпревар од 14. коло во Втората лига - Исток.

Несаканите сцени апсолутно не се во согласност со начелата кон кои тежнее ФК Брегалница како клуб кој е максимално посветен на определбата за исфрлање на насилството од терените и надвор од нив, и вистински спортски пријател со сите фудбалски чинители во Македонија. Отворено го искажуваме нашиот став за осуда на таквите случувања кои, секако, од ниту еден аспект не може да се поддржат и оправдаат, а кои единствено нанесуваат штета на фудбалот воопшто.

Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ФК Брегалница да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија“, се вели во соопштението на штипјани.