Водечките прволигаши во оваа сезона останаа на иста дистанца во само два бода после 13-то коло во домашната елита, откако пресметките на врвот попладнево во Струга и во Ѓорче Петров завршија без победник, а Ќатип Османи на дебито на клупата на Ренова триумфално тргна во вториот мандат кај „гипсарите“ за да ја прекине длабоката криза на поранешниот македонски првак.

Шкендија остана лидер со бод повеќе пред Македонија ЃП, а два пред Шкупи, откако денеска во Струга, Бесарт Ибраими на десет минути пред крајот стигна до реми 1-1 против Струга Трим Лум, додека Македонија ЃП и Шкупи одиграа без голови во тврд меч, трет без голови во последните пет пресметки на овие два скопски ривали во западната скопска општина.

Стружани после 12 миниути стигнаа до водство преку Александар Ристевски, но не успеаа во завршницата да ја сочуваат предноста за вторпат да ја победат Шкендија, но и со бодот се зацврстија на четвртото место на табелата.

Македонија ЃП и Шкупи одиграа реми без голови во тврд меч во кој далеку поинтересно и повозбудливо прво полувреме со низа шанси на двете страни и една неверојатна утка на домашниот центарфор Калид Абдул Басит, кој успеа да промаши празна мрежа откако го мина чаирскиот голман. Имаа „лавовите“ шанси за победа за прво место, имаше шанса покрај Калид и Фернандињо, свои шанси имаа и чаирчани преку Дембо Дарбо, Алварез..., ама сето тоа остана неискористено, па во вториот дел, без шанси како во првиот повеќе се играше помеѓу два шеснаесетника со низа обиди, па двата тима си запишаа по бод.

За Шкупи ова е трето реми во низа во третото гостување по ред во оваа сезона и чаирчани останаа трети со бод помалку од Македонија ЃП, а два зад лидерот Шкендија.

Ремзифаик Селмани во судиското надополнување после лошата поставеност на велешани му донесе деби победа на новиот тренер Ќатип Османи за Ренова да стави крај на ужасната серија и да ја напушти претпоследната позиција на табелата. Победата за „гипсарите“ е уште поголема, бидејќи стигнаа до триумф со фудбалер помалку откако Филип Стојчевски беше исклучен на средина од вториот дел.

Силекс после серијата на порази ја освои Битола за уште повеќе да ја продлабочи кризата на Пелистер, па Бурхан Мустафов и Денис Ристов за пола час дадоа два гола кои се покажаа како клучни за триумфот, а битолчани само преку Христијан Драгарски успеаа да се вратат во мечот, но не и да се изборат барем за бод.

Беласица и Работнички ремизираа 2-2, по што лошата серија без победи на дебармаалци продолжи, а отпишаните струмичани полека се вратија буквално во битката за опстанокот, иако до пред три кола веќе сите ги отпишаа и едвај имаа два бода.

Вардар вчера ја победи Академија Пандев со 2-0.

ПРВА ЛИГА, 13-ТО КОЛО (13 ЧАСОТ)

Струга Трим Лум – Шкендија 1-1 (1-0)

Ристевски 12 – Ибраими 80

Ренова – Борец 1-0 (0-0)

Селмани 90+1

Пелистер – Силекс 1-2 (0-2)

Драгарски 52 - Мустафов 2, Ристов 34

Беласица – Работнички 2-2 (1-2)

Размоски 18, Каланоски 58 п. – Ѓурѓевиќ 26 п., Шаркоски 36

Македонија ЃП – Шкупи 0-0

ВЧЕРА

Вардар – Академија Пандев 2-0 (0-0)

Цветановски 53, Петковски 84

ТАБЕЛА: Шкендија 27, Македонија ЃП 26, Шкупи 25, Струга ТЛ 20, Борец 19, Вардар 19, Силекс 17, Работнички 14, Пелистер 12, Ренова 11, А. Пандев 10, Беласица 9.