Бајрами: Имам куп-трофеи како играч, сакам прв трофеј како тренер!

Македонија ЃП утре ќе се обиде да го донесе првиот трофеј после 16 години во Ѓорче Петров, па „лавовите“ посакуваат првпат пос епскиот прв трофеј во 2006 година повторно да го донесат пехарот во своите витрини, во пресметката со актуелниот бранител на трофејот Силекс, кој лани го освои по трет пат во својата историја.

 

Ѓорчепетровци имаа извонредна серија од повеќе од четири месеци без пораз откако Муарем Бајрами седна на клупата, до претпоследно коло се бореа за излез во Европа преку првенството, па сега шлаг на одличната сезона треба да им биде куп-трофејот

„Знаеме сите нѐ чека финале, меч за кој сме максимално подготвени. Сосема заслужено сме во ова финале, елиминирајќи ги Академија Пандев, Шкупи и Струга Трим Лум. Имаме квалитет и верувам дека можеме до трофејот, но морам да посочам дека имаме максимален респект за Силекс, кој е последен освојувач на Купот. Без разлика што во финале дојдоа како вторллигаши, заслужуваат максимален респект“, вели Бајрами.

Тој посочува дека Силекс во Втората лига – Запад, преку која експресно се врати во прволигашката конкуренција покажал сезонава дека не е нималку лесен противник.

„Нема фаворит во финале, се игра 11 против 11. Нема шанси да влеземе со мисли ние сме прволигаши, а тие второлигаши и лесно ќе биде. Силекс веќе е прволигаш, максимално го анализиравме зашто цела година немаме играно против нив. Се работи за добар тим, би рекол одличен и воден од тренер со кого тимот знае што сака на терен. И не случано се прошетаа до Втората лига и очекувам интересен меч. За мене ова е прво финале, имам трофеи со Слога Југомагнат како играч во 2010 и пред десет години со Ренова. Сега сакам прв трофеј како тренер“, додава Бајрами.

Капитенот на лавовите, Ермедин Адем посочи дека цела сезона се бореа за вакви мечеви, најавуваќи дека ќе дадат сѐ за да ги израдуваат сите во Ѓорче Петров.

„Нѐ очекува еден голем меч, зашто цела сезона се бориме за вакви мечеви. Сакаме трофеј! Респект за Силекс, кои се прошетаа во Втората лига и не случајно се тука во ова финале. Ние како екипа сме подготвен, имавме добра сезона, можеби имавме најтежок пат до финалето, а утре кој и да игра ќе дадем максимум. Сакаме да ги израдуваме нашите навивачи, после многу години да го донесеме трофејот во Ѓорче“, посочи Адем.