Арсими доминираше, но не погоди: Скопје се враќа со бод од Гостивар
Домашниот тим во најголем дел од натпреварот беше подобар противник и создаде повеќе шанси, но реализацијата повторно беше најголемиот проблем за Арсими. Скопје, пак, одлично се бранеше и во финишот можеше дури и да стигне до цел плен.
Арсими уште од самиот почеток тргна офанзивно и се обиде рано да стигне до предност. По неколку уфрлања во шеснаесетникот, добра можност имаше Аљбин Рамадани, но не успеа да упати удар. Каба биеше над голот, а потоа Рамадани имаше и колосална шанса, но топката заврши покрај левиот дирек. Домашните продолжија да притискаат, а Скопје во првите 20 минути тешко го наоѓаше ритамот. Гостинската одбрана, предводена од искусните Мециновиќ и Папули, сепак, успеваше да ги неутрализира налетите на Арсими.
Како што одминуваше првиот дел, Скопје постепено се ослободи од притисокот и започна да се заканува. Најсериозната можност ја имаше Немања Влајковиќ, кој шутираше од околу 25 метри, но Силјановски добро интервенираше и го одби ударот. Арсими до паузата повторно ја презеде иницијативата, а Рамадани имаше уште една можност да го отвори резултатот. Сепак, капитенот на домашниот тим не успеа да ја затресе мрежата, па на полувреме остана 0-0.
И второто полувреме започна во висок ритам. Скопје се обиде да биде поактивен во нападот, но Арсими повторно воспостави контрола и почна да создава нови прилики. Во еден момент Рамадани побара и пенал по еден дуел во шеснаесетникот, но судијата Илијоски процени дека нема доволно елементи за најстрога казна. Капитенот на Арсими повторно беше во центарот на вниманието десетина минути подоцна, кога упати солиден удар, но Наумовски беше сигурен и ја зачува својата мрежа.
Како што се ближеше крајот, високите температури дополнително влијаеја врз темпото на натпреварот. Арсими направи неколку измени со цел да внесе свежина во нападот, но голот никако да дојде. Скопје, пак, во финишот заигра похрабро и почна да се заканува. Во 80. минута Ангелов шутираше, но ударот беше премногу слаб за да го загрози Силјановски. Само неколку минути подоцна гостите можеа целосно да го шокираат Арсими. Ангелов повторно се обиде од далечина, овојпат со многу посилен удар, но Силјановски одлично интервенираше и спречи Скопје да стигне до победа. До крајот немаше промена на резултатот, па двата тима мораа да се задоволат со по еден бод.
Арсими сега има седум бода по пет одиграни кола, додека Скопје стигна до својот трет бод, но и понатаму е без победа во новата сезона.