„Победа во Австрија е императив за Македонија“
Во последните неколку квалификациски циклуси, Лука Стојановски е еден од најстандардните во нашиот состав.
Новиот кошаркар на МЗТ Скопје вели дека победа на утрешниот меч во Виена е императив за Македонија.
„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас“, вели Лука Стојановски.
Македонија во претходниот претквалификациски циклус имаше максимален ефект – шест победи на шест натпревари, резултати кои дополнително ја подигнаа самодовербата во националниот тим. Во новиот циклус, составот е дополнително засилен со приклучувањето на Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.
„Точно така. Тие победи и одиграните натпревари во овие претквалификации се голем плус за нас како екипа. Но и доаѓањето на одлични играчи како Ненад и Мозес ќе ни помогне во намерата да стигнеме до оние вистински квалификации“.
Стојановски вели дека Австрија е шутерска екипа, физички не е доминантна.
„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“.
Мечот меѓу Австрија и Македонија се игра утре со почеток од 16:05 часот.