Андрески: Ова е најлошата есен за Работнички, ќе мора добро да се реорганизираме!

Поранешниот македонски шампион Работнички ја одигра најужасната полусезона откако есенва дебармаалци го допреа дното, па како последни завршија на прволигашката табела и со многу главоболки сега ќе ја чекаат пролетта за да се изборат за спас, иако амбициите на клубот летоска беа сосема спротивни.

Работнички откако отстапи од својата философија со таленти да биде во врвот на табелата, во минатата сезона, тргна во друг проект со звучни имиња, но и сомнителни странски засилувања, дури да се бори и за титула. На крај, спасуваше во завршницата жива глава, да не испадне, а на крај во последното коло во шокантен меч загуби од Шкупи за да не излезе ни во Европа. И тоа донесе нова реконструкција во Дебар Маало, повторно се склопи тим кој е млад и кој требаше да се бори за врвот, ама – заврши последен.

„Ова е најлошата резултатска есен за Работнички и клубот дефинитивно ова не го заслужува. Но, мора да се помириме со фактот дека не успеавме да освоиме бодови на многу мечеви. Можеби не игравме толку лошо, ама сето тоа е залудно ако не се освојат бодови. Сега ќе мора добро да се реорганизираме и во пролетниот дел да имаме еден поинаков Работнички, кој ќе знае да победува и да освојува бодови“, вели тренерот Марјанчо Андрески.

Работнички во новата сезона тргна со Александар Влахо на кормилото, но слабите настапи по крајот на првиот круг го натераа да си даде оставка, а клубот го презема Андрески, но не успеа да го издигне и барем да го донесе во посигурната зона, а не на најсрамното место на табелата.