АМС тргна во војна со ФФМ - втор дел!

Челниците на Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја известија јавноста за продолжување на неправилностите во работата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) спротивни од Законот за спорт, утврдени со инспекцискиот надзор извршен на денешен ден пред две години, што со други зборови значи дека новиот директор Наумче Мојсовски продолжува по стапките на претходникот Дарко Каевски во обидот да се средат работите во македонскиот фудбал.

Куќата на фудбалот во изминатиов период го обжалила решението за исправање на најдените недостатоци, но тоа е отфрлено од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението станало правосилно и извршно. и против него не е дозволена жалба.

„Имајќи предвид дека и по предвидениот рок за постапување по Решението, ФФМ не постапи согласно наводите и диспозитивот на решението, туку спротивно на тоа продолжи да функционира со истиот Статут, кој е спротивен на Законот за спорт и со позитивното право и спротивно на решението донесено од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка. Имено, во овој период кога истекува мандатот на функционерите во ФФМ (делегати, членови на УО и застапникот) започнати се активности со цел одржување изборно Собрание, коешто е спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата. АМС како орган на државната управа, надлежен за работите од областа на спортот, презема активности и дејствија согласно горенаведеното Решение и од сите спортски субјекти бара безусловно почитување на позитивните прописи и нема да дозволи и нема да толерира непочитување и постапување спротивно на она што налагаат одредбите од Законот за спорт“, се вели во известувањето на АМС.

Реакцијата на предводниците на највисокиот државен орган во спортот кај нас доаѓа по неколкуте Собранија на Општинските фудбалски сојузи (ОФС), на кои беа избирани делегати за претстојното Изборно собрание на ФФМ, а кои предизвикаа бура во јавноста поради начинот на кој беа одржани. Според Решението од инспекцискиот надзор, кое сега е правосилно односно ФФМ мора да го исполни, мора да се направат целосни промени во начинот на избор на раководството во Куќата на фудбалот, односно сегашниот систем со делегати треба да се замени со Собрание во кое ќе бидат членови клубовите, нешто што со години наназад постои во кошарката и во ракометот.

АМС на крајот известува дека за сите понатамошни активности, кои ќе бидат преземени согласно Законот за спорт и позитивното право во државата, целата спортска јавност ќе биде благовремена известена.