„УЕФА мора да сфати – Косовo е Албанија, а никако не е Србија!“

Фудбалерите на Косово го напуштија теренот во судиското продолжение од синоќешниот натпревар на гости против Романија и тоа поради скандирања од страна на домашните навивачи, кои тие ги сфаќаа како навреда.

Домашните фанови даваа поддршка за својот српски сосед и нивното тврдење дека Косово не нивно и дека не може да биде посебна држава.

„Постојано скандираа ‘Косово е Србија’. Тоа се случуваше во сите 90 минути. Во продолжението почнаа да извикуваат и други работи, кои не сакам да ги повторам бидејќи се срамни. Првиот пат му кажав на судијата, но тој не реагираше. Вториот пат дури и не сакаше да слуша. По третиот пат му реков дека излегуваме од теренот. Тогаш навивачите уште посилно почнаа да скандираат ‘Косово е Србија’, поради што решивме повеќе да не се враќаме на терен, за разлика од минатата година“, изјави капитенот на косовската селекција, Амир Рахмани.

Тој истовремено испрати и порака до УЕФА.

„УЕФА мора да донесе одлука. Ние сме фудбалери и сме тука да го претставуваме нашиот народ, нашата земја, која има тешко минато. Имавме голема војна што одзеде многу животи, имаше масакри. Ова е премногу. Престанете. Сите треба да знаат: Косово е Косово или Косово е Албанија. Тоа е сѐ. Тука завршува приказната“, додаде тој.

Се очекува мечот да биде регистриран со службена победа за Романците, што никако не ѝ оди во полза на Македонија, односно може да биде клучен фактор да не дојдеме до бараж за пласман на СП 2026 преку дуелите од Лигата на нации.