Тим на годината: Српски клуб ја „издрибла“ корона-кризата – ги исплатил играчите до јуни!

Кога ќе се спомене бившојугословенскиот спорт, прва асоцијација е секојпат беспарицата како главен проблем за да се развијат многубројните таленти, криминалот во спортот, посебно во фудбалот, арно ама еден српски стабилен прволигаш во ек на најголемата светска криза излезе дека е - „Реал Мадрид за пола свет“.

Белградски Чукарички и неговите фудбалери најбезболно ќе ја минат кризата и пандемијата од коронавирусот, која буквално сопре сè, па додека гиганти како Јувентус, Барселона бараат начин со сериозно кратење на платите или откажување од примања во период на криза за да ја ублажат претстојната рецесија, на Баново брдо како да тече мед и млеко. Фудбалерите веќе си ги добиле сите пари до јуни годинава.

Човек да не поверува дека такво нешто е можно и тоа од тим кој зависи од секој динар, за разлика од гиганти или регионални моќници како Динамо Загреб, кои до врв ја наполнија касата со добрите настапи во Европа. Но, очигледно во Чукарички никој не смее да остане покус за тоа што е договорено.

„Искрено, ние во клубот не сме ни разговарале за намалувања на платите, а газдата Драган Обрадовиќ ниту споменал такво нешто, ниту мислам дека во Чукарички ќе се случи. Прво зашто според договорените обврски, фудбалерите веќе си ги добија своите рати од договорите до јуни и поради тоа играчите може да бидат мирни и само да чекаат ситуацијата да се смири за повторно да играат фудбал. Фудбалерите не се криви за ваквиот развој на ситуацијата, не се и клубовите, не им е лесно ниту нив, зашто никој не знае колку ќе потрае сето ова“, вели Ненад Миросављевиќ, спортскиот директор на Чукарички.