Србите плукаат по Пикси, а само Антиќ и Муслин имаат подобар ефект од него
Сепак, ако се земе предвид статистиката во овие три години е на клупата на „орлите“, легендарниот фудбалер сега во улога на селектор има одлични бројки. Не само што успеа да ја однесе Србија во најсилната конкуренција од Лигата на нации и е единствен што обезбедил пласман на две големи натпреварувања, туку Пикси има и одличен процент кога станува збор за бројот на победите.
Тој е селектор со најдолг стаж во српската репрезентација, три години е на клупата и го водел тимот на 45 натпревари на кои има 23 победи што е 51,1%. Од осамостојувањето на Србија во 2006 година, само Радомир Антиќ и Славољуб Муслин имале подобар ефект од него. Антиќ е најуспешен со 60,71%, но на 17 натпревари помалку бидејќи тој беше на функцијата само две години, од 2008 до 2010, додека Муслин има 53,33%, ама на само 15 натпревари како селектор што тешко дека може да се земе како соодветен примерок за споредба. Ова значи дека двајцата заедно, Антиќ и Муслин, имаат помалку натпревари (43) како селектори од Писки сам (45). Подобар е и Слободан Сантрач кој беше селектор од 1994 до 1998 година и оствари 26 победи на 43 натпревари (60,46%), но тогаш државата се викаше СР Југославија и Србија беше во заедница со Црна Гора.
Од останатите селектори од 2006 година наваму, ниеден не успеал да ја надмине границата од 50%.