Реал Maдрид донел одлука: Позната иднината на Модриќ

Раководството на Реал Мадрид донело одлука да го продолжи договорот со Лука Модриќ на уште една сезона, објави италијанскиот инсајдер, Николо Шира.

Иако во септември ќе наполни 40 години, Реал Мадрид е задоволен од тоа што Хрватот го прикажува на теренот и ќе му понуди договор до летото 2026 година. Исто така, се наведува дека Модриќ сака да остане со цел да биде подготвен за настап на Мундијалот во 2026 година со хрватската репрезентација.

Модриќ во неделата постигна гол во првенствената победа на Реал од 2-0 над Жирона и тоа беше спектакуларен погодок со волеј удар од над 20 метри.

По натпреварот тренерот Карло Анчелоти истакна дека Модриќ треба да продолжи да игра за Реал Мадрид се додека тоа го сака.

„Модриќ треба да продолжи и да биде тука додека има желба. Тоа што го прави е одлично, вистински пример за истрајност, квалитет и професионализам“,  изјави Анчелоти.

Во Реал Мадрид, Модриќ пристигна во 2012 година и во изминатите години успеа да освои се што можеше да се освои во клупскиот фудбал.