Судиската организација одговори: Не два, немаше ниту еден пенал за Беса!

Судиската организација при ФФМ направи анализа на ситуациите за кои Беса тврдеше дека е оштетена, според овој клуб не им беа досудени два пенали против Гостивар.

Беса излезе со соопштение и видеа во кои се пожали на судењето, патем и најави излегување од лигата доколку неправилностите кон нив продолжат и во следното коло.

Денеска со одговор на обвинувањата се јави Судиската организација при ФФМ.

„Најгласни по одиграното  20. коло се од ФК Беса 1976, кои се жалат за два спорни моменти по кои бараат удар од белата точка. На споменатиот натпревар ФК Беса 1976 - Гостивар, ние како судиска комисија одредивме и супер контрола на натпреварот која ја водеше Димитар Мечкаровски (член на судискиот одбор и поранешен ФИФА судија). Во неговиот извештај стои:

„Во 73. минута, фудбалер на Беса изведе удар од агол и центрираше во шеснаесетникот на Гостивар, топката дојде до негов соиграч кој ја удри со глава кон голот на гостинската екипа. Пред него имаше противнички играч кој ја блокираше топката со глава, (темето на главата), иако раката на играчот беше блиску до главата, топката не го удира во рака, топката оди кон голот (не менува правец на движење) и голманот со крајни напори ја избива топката во корнер. Исправна одлука на главниот судија кој дозволи играта да продолжи бидејќи играчот на Гостивар ја удира топката со глава, а не со рака. Во оваа ситуација главниот судија е одлично поставен на само неколку метри од случката и има одлична прегледност на спорниот момент“.

„За спорниот момент во 93.минута, голманот на Гостивар ја имаше топката во свој посед, странично во својот шеснаесетник. Играч на Беса на дозволен начин го нападна голманот и му ја зема топката, потоа голманот со една рака го повлече играчот за дрес и играчот го искористи тој контакт да падне со намера да изнуди пенал. Одлична соработка со првиот асистент и главниот судија каде што двајцата беа блиску до ситуацијата, добро поставени и донесоа добра одлука играта да продолжи. Контактот беше минимален, без интензитет и недоволен за пенал“. 

Ние како организација, а во консутлација со официјалните лица на споменатиот натпревар донесовме заклучок за добра арбитража на судиската четворка на споменатиот натпревар на кој се исправно се доделени и сите казнени мерки (жолти картони), со исклучок на моментот кога е санкциониран жолт картон кон домашниот тренер Горазд Михајлов, кој според новите критериуми требаше да заработи исклучување поради неспортскиот однос и влегувањето на терен.

Почитувани клубови, почитувани фудбалски работници од ФК Беса 1976, Вашиот однос пред и по натпреварот не е во контекст на фер-плејот и фудбалската игра. Правењето нестручни анализи, споредување на моменти и постојаните притисоци врз судиите преку социјални мрежи и медиуми не се правилниот пат. Ние како судиска организација во, секое време ви стоиме на располагање за соработка анализа на вашите барања и моменти поради кои се одлучувате да го кренете својот глас (најчесто без причина).

Ние сме во функција на фудбалот и анализа на арбитражата во секое време. Нашата канцеларија е во „Куќа на фудбалот“, а не во „куќата на уметноста“ како во некои поранешни времиња кога одредени фунционери наместо со активна работа на терен и во ФФМ се одлучуваа да шетаат по монденските места низ Европа како Монте Карло, Ница и Кан на сметка на одредни клубови.

Ако се врати времето наназад, за само неколку месеци, ќе се утврди како на вашиот клуб постојано му судеа едни исти судии. За нас сите клубови се со ист третман и сите судии на сите натпревари одат во функција на фудбалот. И затоа ние се трудиме и ќе се избориме веќе од идната сезона да има ВАР технологија по стадионите низ Македонија. Тоа за жал го немаше во изминатите сезони кога многу клубови реагираа токму за сомнителна арбитража на дуелите против вашиот клуб“, велат од Судиската организација.

Тие посочија дека грешки се направени на мечот меѓу Работнички и Воска.

„Како судиска организација, а без притоа да има реакција од ФК Работнички, констатирано е дека се донесени погрешни одлуки на дуелот со ФК Воска.

Помошниот судија Тоше Ицев од Кавадарци е оценет со негативни 7.4 (слаба оценка), поради:

* Кренат непостоечки офсајд против ФК Воска во 15. минута (спречена ветувачка акција за гол на гостинската екипа)“.

* Кренат непостоечки офсајд против ФК Работнички и ПОНИШТЕН ГОЛ во 52. минута при резултат 0:0“.