Иднината на македонската женска одбојка викендов се собра на едно место (ФОТО)

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) викендов во спортскиот центар „Форца“ организираше дводневен собир за девојчиња родени во 2010 година и помлади, со цел селекција и проценка на нивните физички, технички и тактички способности.

На настанот учествуваа 86 млади одбојкарки од 20 клубови и школи низ земјата.

„Целта е од оваа широка база да извлечеме квалитет и да создадеме генерација што ќе ја надополни кадетската селекција. Охрабрува одзивот на сите клубови и тренери и одличната работна атмосфера за време на собирот“, изјави генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски.

Покрај младите одбојкарки, присутни беа и тренери од Првата и Втората лига, како и раководството на ОФМ, вклучувајќи го претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Ивица Хаџи Иљоски и членот на Управниот одбор, Кирил Калеников. Специјален гостин беше министерот за спорт, Борко Ристовски, кој ја нагласи важноста на ваквите настани за развој на спортот во Македонија.

„Државата стои зад ваквите иницијативи. Масовноста е клучна, бидејќи не се стремиме само кон врвни резултати, туку и кон создавање здраво општество преку спортот“, изјави Ристовски, додавајќи дека ваква акција не е организирана во последните 15 години.

Организаторите најавија дека ова е прв чекор во процесот на градење силна женска одбојкарска база, со планови за континуирана поддршка и развој.