Повредата на Адеми не изгледа добро: Бутот настрада, можеби и задната ложа!

Македонскиот репрезентативец и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми се повреди синоќа во мечот од второто коло во квалификациите за Лигата на шампионите против Омонија (2-0), па првичните проценки не изгледаат најдобро, објави тренерот Дамир Крзнар.

Адеми излезе во 42-та минута од мечот, па според првите проценки има силни болки во бутниот мускул, но се стравува и на повреда на задната ложа.

„За разлика од Лука Иванушец кој иако доби удар во гради и остана без воздух е добро, кај Адеми тој удар е доста болен. Настрада бутниот мускул, можеби и задната ложа. Не сакам ништо да прогнозирам, но се надевам дека сѐ ќе биде во ред“, рече Крзнар.

Во Динамо сега ќе треперат до лекарските прегледи за да се утврди степенот на евентуалната повреда на Адеми, зашто е еден од клучните фудбалери на „модрите“ во атакот кон ново учество во Лигата на шампионите на хрватскиот првак.

И Македонија ќе трепери додека не биде позната дијагнозата зашто за нешто повеќе од еден месец ќе следува првиот собир на репрезентацијата за дебито на новиот селектор Благоја Милевски во септемвриските квалификации и трите можеби клучни мечеви во битка најмалку за баражот за СП во Катар догодина. Од 1 до 8 септември, Македонија е домаќин на Ерменија и Романија, а гостува кај Исланд, па има три пресметки со директните конкуренти.

Црвено-жолтите по мартовските три кола се втори со шест бода, Ерменија е прва со максимални девет.