Повеќе нема дилеми: Станковиќ се враќа во Звезда

Владан Милојевиќ повеќе нема да биде тренер на Црвена Звезда. Српскиот стручњак ја напушти денешната прес-конференција, по триумфот против Младост, без збор, откако црвено-белите победија со 4-0, јасно посочувајќи дека натпреварот му е последен.

Неговото место ќе го пополни Дејан Станковиќ кој од понеделник ќе биде нов тренер на Црвена Звезда, во следните 2,5 години.

„Црвена Звезда го сакаше Алберто Риера како своја примарна желба, не успеа да го договори Шпанецот, а во исто време Станковиќ ја загуби работата во Спартак Москва. Со тоа, 47-годишниот стручњак автоматски се наметна како најлогична опција во декемвриските денови и така по вторпат играчката легенда на Лацио и Интер и еден од најомилените играчи на Црвена Звезда ќе седне на црвено-белата клупа. Интересно е тоа што се повторува историјата, бидејќи во декември 2019 година Станковиќ го замени Владан Милојевиќ по завршувањето на првиот дел од сезоната“, објавија српските портали.

Дејан Станковиќ ја тренираше Црвена Звезда во својот прв мандат од декември 2019 до август 2022 година. Во тој период освои три титули во српското првенство и двапати го освои Купот на Србија, а три пати беше елиминиран од квалификациите за Лигата на шампионите што беше оквалификувано како голем неуспех.