Последна шанса за Велковски: Ако не заигра стандардно, Риека на лето ќе го продаде!

Македонскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски ќе ја има последната шанса преку зимските подготовки да стигне до многу поголема минутажа во хрватска Риека или на лето раководството на клубот ќе му се заблагодари на соработката и ќе го продаде. Ова го најави првиот човек на бившиот хрватски првак Дамир Мишковиќ.

Велковски во Риека замина како слободен играч во јуни лани, но поради серијата на повреди, најчесто на бутниот мускул, повеќе беше на трибините отколку на теренот, па хрватските медиуми неодамна му пресметаа дека има повеќе настапи за македонската репрезентација отколку за Риека. На последниот меч за својот клуб после 900 минути повторно заигра, но...

„Време е Велковски и Есковал да поиграат повеќе. За жал, Велковски не го ни видовме. Кога ќе оздрави ќе заигра за Македонија и повторно ќе се повреди. Веројатно има таква карма. Сега има нови подготовки и ако сега не успее, јас лично ќе му се заблагодарам“, најави Мишковиќ во предновогодишното дружење со новинарите.

Велковски е поранешен фудбалер на Работнички и на Вардар, со црвено-црните играше групи во Лига Европа во 2017 година, а важеше за голем макеоднски потенцијал, член на „златната генерација“ која играше на Евро 2017, а сега е стандарден сениорски репрезентативец, но во последните година и половина нема среќа со повредите. Тренерот на Риека, Симон Рожман пред неколку недели посочи дека Македонија згрешила што го користела Велковски на последните два евроквалификациски мечеви поради тоа што после дуелите со Австрија и со Израел, повторно макеоднскиот дефанзивец се вратил со ситна повреда.