ОФИЦИЈАЛНО: Мирко Ивановски го облече дресот на Хајдук (ФОТО)

Мирко Ивановски од денеска и официјално е нов фудбалер на славниот хрватски клуб Хајдук. Тој ќе го носи дресот со број 8 и треба да биде едно од засилувањата кои ќе ги вратат „билите“ на врвот на хрватскиот фудбал. 

Поранешниот репрезентативец изминативе две сезони играше во екипата на Славен Белупо, а минатата сезона заврши како трет стрелец во лигата со 15 голови што беше добра препорака за челнците на Хајдук да го ангажираат во својот тим.

„Не можам да го опишам чувството што потпишав за Хајдук. Пресреќен сум што ќе го носам овој дрес и едвај чекам да почнат натпреварите да можам да покажам зошто ја заслужив довербата што ми ја укажа раководството на клубот. Знам дека тука секогаш очекувањата се големи, но такви се и моите, па затоа се надевам дека сите заедно ќе направиме големи работи следната сезона“, изјави Ивановски по потпишувањето на договорот.

Ивановски кариерата ја започна во Пелистер во младинските категории, а потоа премина во редовите на Македонија Ѓорче Петров. Следуваше траснфер во Полска во екипата на Арка, потоа играше во Романија за екипите на  Астра и Клуж, беше дел и од унгарски Видеотон, а кратко играше во Буалспор во Турција. Потоа се пресели во Хрватска во Славен Белупо, каде ја пронајде својата форма. 

За македонската репрезентација има одиграно 27 натпревари.