Навивачите на Пирин ја молат ФФМ да играат во Македонија! (ФОТО)

Голем дел од македонските фудбалски клубови се жалат од условите за игра во нашата држава и односот на Фудбалската федерација на Македонија, но сега се појави странски клуб кој радо би играл во Македонија. 

Навивачите на бугарскиот фудбалски клуб Пирин Благоевград на „Фејсбук“ упатија молба до Фудбалската федерација на Македонија од следната сезона да се натпреваруваат во нашиот систем на натпревари. На навивачите не им е битно во која лига би играл клубот, туку само да не биде во Бугарија, бидејќи веќе не можат да ги трпат неправдите на Бугарскиот фудбалски сојуз.

„Молба до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). 

Почитувани лидери на македонскиот фудбал, ние навивачите на ФК Пирин Благоевград, најсилно ве молиме да го примите Пирин во вашиот фудбал пред да почне новата сезона. Не е важно во која лига. Во изминатите 20 години ФК Пирин намерно беше изложен на секакви реперкусии од Бугарскиот фубдалски сојуз, Пирин два пати беше исфрлан од бугарската Прва лига во 2005 и 2011 година, а оваа сезона благодарение на 'помошта“ на судиите беше понижен на најниско ниво.

Морал, чест, достоинство, борба и праведност се идеалите на Пирин и неговите навивачи олицетворени од нашиот голем херој Гоце Делчев, а тие беа погазени од Бугарскиот фудбалски сојуз. 

Официјално бараме од вас да го примите Пирин во Фудбалската федерација на Македонија“, пишува во соопштението на навивачите на тимот од Благоевград.

Пирин сезонава играше плеј-оф за опстанок во бугарската Прва лига, па откако заврши трет во својата група, сега треба да игра бараж натпревар со некој второлигаш.