Навивачите на Динамо го нападнаа Ристовски: Ти помина времето, оди си!

Динамо Загреб синоќа доживеа убедлив пораз на гостувањето кај Арсенал со 0-3 и ги сведе на минимум шансите за пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите.

По мечот, навивачите на хрватскиот шампион беа полни со критики за сите фудбалери, но најлошо помина македонскиот интернационалец Стефан Ристовски. Од неговата страна почнаа акциите за сите три гола на Арсенал, па фановите побараа тој да биде ослободен од клубот во јануарскиот преоден рок.

„Ристовски нека му го подарат на Работнички, подобро да не дојдеше на натпреварот“, „Арсенал-Ристовски 3-0“, „Секогаш кога Ристовски ќе ја допре топката, 10 фудбалски школи се затвораат“, „Ристовски ги пушта навивачите на Арсенал да центрираат како да го наместил натпреварот“, „Не ми се верува дека никој нема храброст да му каже на Ристовски дека му помина времето. Фала ти за се и оди си“..., беа дел од коментарите на социјалните мрежи за играта на македонскиот бек.

Од критики не беа поштедени ни Адеми, Бенауер, Рог, Батурина, Куленовиќ, но и новиот тренер Фабио Канаваро кој синоќа дебитираше на клупата на Динамо, како ни управата на „модрите“ која среде сезона го смени Бјелица и го назначи Италијанецот за негов наследник.