Македонски репрезентативец по само три одиграни меча остана без тренер!

Португалецот Жорж Симао повеќе не е тренер на Олимпија од Љубљана, откако неговиот тим изминатиот викенд претрпе понижувачки пораз на домашен терен против Цеље (0-5) во третото коло од словенечката Прва лига.

Раководството на актуелниот шампион на Словенија, за кој настапува македонскиот репрезентативец, Димитар Митровски, експресно реагираше по дебаклот, кој дојде само неколку недели откако беше елиминиран уште во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите од казахстанскиот Каират. Ваквиот почеток на сезоната беше оценет како сериозен неуспех, без разлика на двете победи на стартот од првенството.

Симао ја презеде Олимпија ова лето, по заминувањето на Виктор Санчес, кој минатата сезона ја донесе титулата во Љубљана. Португалецот во кариерата ги предводеше и Брага, Боависта, Санта Клара, Пакош Фереира и неколку други клубови. „Змајчеки“ привремено ќе ги води Хрватот Иван Сензен, кој досега работеше како тренер на младинската екипа на клубот.